Капитенот на македонската репрезентација имаше интервју за турскиот медиум haber61 во кое малку како да претера со фалењето.
Додека настапуваше во Ла Лига во дресот на Леванте, Барди имаше најдобар процент на постигнати голови од слободен удар во една сезона, иако тогаш во лигата играа и великаните Лионел Меси за Барса и Кристијано Роналдо за Реал Мадрид.
Токму тој момент го искористи за да се пофали дека, ете, во нешто бил подобар од Аргентинецот.
„Имаше моменти кога бев подобар од него (се смее, заб. на автор). Затоа што јас дадов 7 гола од 25 удари, а тој 8 гола од 52. Гледајќи го процентот, бев подобар. Да го наречеме виц со малку вистина (се смее, заб. на автор). Се чувствувам навистина добро кога прават такви споредби. Секако, убаво е чувството да се споредуваш со еден од најдобрите играчи на сите времиња. Се чувствувам многу добро и горд. Ова ви дава амбиција да работите понапорно и да се приближувате до тоа секој ден. А, кога имаш само 22 години и постигнуваш 7 гола од слободен удар во една сезона, секако дека ќе имаш малку кул став (се смее, заб. на автор). Затоа што си млад и не знаеш како да се однесуваш. Но, во моментов сум во најмирниот и најдобриот период во мојот живот. Кога ќе погледнам наназад, можам да кажам дека сум горд на она што го направив“, рече Барди.