Потврда за пристигнувањето на хибридната верзија на Corvette пристигна од Chevrolet, а на пат е и целосно електрична верзија.
Chevrolet ја сподели оваа информација преку Twitter заедно со фотографија на која е прикажан камуфлиран прототип фотографиран за време на ладно тестирање. Познато е и дека „електрифицираниот“ модел Corvette, или хибрид, најверојатно ќе биде достапен следната година.
На тизер видеото се прикажани прво предните, а потоа и задните тркала, што сугерира погон на сите тркала, а се слуша и звук на V8 мотор што укажува дека се работи за хибридна верзија.
Извршниот директор на General Motors, Марк Ројс објави повеќе информации на LinkedIn, наведувајќи дека првиот електрифициран модел на Corvette ќе се базира на новата Ultium платформа на GM.
Тој модел најверојатно ќе има мала батерија која ќе соработува со постоечкиот мотор, предните тркала ќе се придвижуваат од два електрични мотори, а задните од V8 мотор.
Официјалните имиња сѐ уште не се објавени, но уште во 2015 година Chevrolet го заштити името Corvette E-Ray, кое може да се користи за електричната верзија.
Електрифицираните верзии на Corvette првпат беа навестени во 2019 година со доаѓањето на генерацијата C8, а упатените тврдеа дека погонот е дизајниран да овозможи електрификација.
Новите верзии на Corvette ќе се приклучат на стандардните купе и кабриолет, придвижувани од 6,2-литарски атмосферски мотор со 490 КС, како и новиот Corvette Z06 фокусиран на патеката со 5,5-литарски V8 мотор кој испорачува 670 КС.