Долгата сага околу Диего Коста е конечно завршена, откако Челзи и Атлетико Мадрид најдоа заеднички јазик за негов трансфер. Бразилецот ќе го финализира трансферот уште викендов, а ќе може да биде регистриран за Атлетико дури во јануари наредната година.
Челзи и Атлетико Мадрид се договорија за трансфер на бразилскиот напаѓач Диего Коста, кој комплетно испадна од ротацијата во тимот од Лондон. Сумата на трансферот ќе изнесува 58 милиони фунти.
Атлетико ќе исплати 49 милиони веднаш, и уште 9 милиони фунти во бонуси, низ текот на сезоната.
Диего Коста нема одиграно ниту еден натпревар за Челзи уште од крајот на минатата сезона, откако по еден инцидент со тренерот Антонио Конте тој одби да се врати во клубот.
Диего Симеоне веќе подолго време јавно ги откриваше своите симпатии кон Коста, и на неколкупати изјави дека би сакал да го има во својот состав.
Минатата сезона Диего Коста беше клучен дел од составот на Челзи кој ја освои титулата во Премиер лигата, постигнувајќи 20 лигашки гола.