Исламски милитанти обезглавиле педесетина луѓе во африканската држава Мозамбик и киднапирале неколку жени.
Милитантите кои се поврзуваат со ИСИС го нападнале селото Муатиде за време на локална церемонијата. Заробените жители ги обезглавиле на фудбалски терен.
Телата на егзекутираните луѓе ги распарчиле и ги расфрлале низ блиската шума, каде потоа биле пронајдени. Најдени се останките на најмалку 15 момчиња.
„Полицијата дозна за масакрот извршен од бунтовниците преку јавувања на луѓе кои наоѓале тела во шумата. Успеавме да изброиме 20 тела расфрлани на територија од околу 500 метри“, изјави потпаролот на локалната полиција.
Ова не е прв ваков масакр во оваа источноафриканска земја. Деветмина беа обезглавени минатиот месец, а во април исто така педесетина луѓе беа егзекутирани откако одбиле да се придружат на џихадистичкото движење.
Од почетокот на конфликтот во 2017 година убиени се над 2 илјади луѓе, додека околу 400 илјади се раселени.
Владата на Мозамбик во неколку наврати апелираше за меѓународна интервенција, а од локалните групи за човекова права е обвинувана и за нејзини злосторства.