На пазарите на валути вредноста на доларот во однос на кошничката на валути благо падна, по минатонеделниот раст.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 103,66 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 103,78 поени.
Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 151,40 на 151,25 јени.
Незначително ослабна и американската валута во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0815 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0810 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,59 отсто, на 85,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,66 отсто, на 81,15 долари.
На азиските берзи утрово се тргува претпазливо додека инвеститорите чекаат нови податоци за инфлацијата од САД, регионот и европските земји, кои би можеле да сигнализираат кога централните банки ќе почнат да ги намалуваат каматните стапки.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше во 7:00 часот речиси непроменет од петокот, кога го достигна највисокото ниво во последните осум месеци.
Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја паднаа за 0,3 отсто. Во Шангај, Хонгконг и Австралија тие се зголемија меѓу 0,3 и 0,5 отсто.
Инвеститорите се претпазливи бидејќи инфлацијата во САД и земјите од регионот благо се зголемува во последните месеци.
Мора да се признае, пазарот се уште проценува дека американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во јуни, но многумина веруваат дека ова е преоптимистичко сценарио.
Минатата недела инвеститорите беа пријатно изненадени од швајцарската централна банка, која неочекувано ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени на 1,5 отсто.
Таа е првата голема централна банка која ги намали каматните стапки, по долгиот циклус на затегнување на монетарната политика, што на пазарот се гледа како прв сигнал дека борбата против инфлацијата во западните земји е речиси добиена.
Затоа оваа недела инвеститорите ќе се фокусираат на новите податоци за инфлацијата во САД, регионот и европските земји, кои би можеле да укажат кога централните банки ќе почнат да ги намалуваат каматните стапки.