Иако освојувањето Оскар е врв во кариерата за многу актери, Ен Хатавеј, која го доби Оскарот за најдобра споредна женска улога во Les Misérables во 2013 година, смета дека престижната награда имала негативно влијание врз нејзината кариера.
Во едно неодамнешно интервју за Vanity Fair, Хатавеј објасни дека нејзината победа довела до лавина реакции на интернет, што ѝ го отежнало наоѓањето работа. Но, еден режисер реши да ѝ даде шанса откако остатокот од Холивуд ѝ го сврте грбот.
„Луѓето одбиваа да ми дадат улоги затоа што веруваа дека мојот идентитет стана токсичен на интернет. Го најдов мојот ангел во Кристофер Нолан, кого не го интересираа такви работи и кој ми даде една од најубавите улоги во еден од најубавите убави филмови на кои сум работела“, изјави актерката.
Во 2014 година, Нолан ѝ ја понудил улогата на Амелија Бренд во филмот Interstellar, која оди на вселенска мисија со астронаутот Џозеф Купер (Метју Меконахи) за да го спаси човештвото. Актерката верува дека оваа улога ѝ ја спасила кариерата.
„Не сум сигурна дали знаеше дека ме поддржува во тоа време, но тоа го имаше тој ефект“, рече Хатавеј. „Мојата кариера не загуби моментум, не знам што ќе се случеше доколку тој не ме поддржеше.“
Хатавеј неодамна се појави во романтичната комедија The Idea of You, која премиерно беше прикажана на фестивалот South by Southwest. Филмот ги воодушеви критичарите, а на почетокот на мај ќе можеме да го гледаме на стриминг сервисот Prime Video на Amazon.