Актерката Ребел Вилсон тврди дека член на кралското семејство еднаш ја поканил на оргии и дрога.
Австралиската актерка неодамна ги објави мемоарите „Rebel Rising“, каде истакна дека овој собир требало да се одржи во Јужна Калифорнија.
Иако Вилсон не сакаше да каже за кој член на кралското семејство се работи, таа истакна дека се работи за маж и дека најверојатно е 15-ти или 20–ти во редот за наследување на британскиот трон. Исто така, таа откри дека тоа се случило во 2014 година, и дека поканата била, така да се каже, во „последен час“.
Таа тврди дека членот на кралското семејство рекол дека им требаат повеќе девојки на тематската гала забава што се одржала во домот на американски технолошки милијардер во близина на Лос Анџелес.
„Каква совршена можност да најдам момче, си помислив“, напиша таа во своите мемоари.
Вилсон пишува дека темата била средновековна забава, а присутните ги забавувале акробати, жени облечени како сирени и мажи кои се борат на коњи. Таа напиша дека кружеле послужавници со MDMA (екстази).
Актерката тврди дека ѝ било кажано дека дрогата е „за оргии“, бидејќи таквата активност обично започнува во одредено време навечер на забавите на технолошкиот милијардер. Вилсон тврди дека во тоа време била девица, па затоа рано го напуштила настанот.