Ова можеби ќе ви звучи како информација од рубриката „верувале или не“, но статистичките податоци покажуваат дека има сѐ повеќе загинати во несреќи предизвикани од бавни возачи.
Според текстот објавен во Daily Star во кој се анализирани податоци на британското Министерство за сообраќај, во текот на минатата година тешко биле повредени 26 лица, а две загинале, во сообраќајни несреќи кои според полициските извештаи биле предизвикани поради бавно возење.
Во ваквите несреќи исто така имало и 132 полесно повредени лица.
„Не сум изненаден од овие загрижувачки статистички податоци. Пребавното возење во основа е глупаво и себично, тоа е рецепт за катастрофа“, изјави Хју Блејдон, основач на Британското здружение на возачи, кој нагласува дека бавното возење предизвикува фрустрација кај другите возачи, што може да ги поттикне на опасни маневри, како нагло претекнување.
Се претпоставува дека оние кои возат со брзина далеку под границата ги поттикнуваат другите учесници во сообраќајот да возат со помала оддалеченост од возилото пред нив, нагло да претекнуваат, па дури и разгоруваат сообраќајно насилство и недолично однесување.
Во Велика Британија, бавните возачи се казнуваат со 100 фунти глоба и три казнени поени.
Согласно Став 2 од Член 33 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, „возачот не смее да ја намали брзината на движењето на возилото до таа мера што неговото возило претставува пречка за нормалното одвивање на сообраќајот.“
Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на овој став од членот.