Џенифер Гејтс, ќерката на милијардерот Бил Гејтс, се вакцинираше против коронавирусот и со тоа се пофали на социјалните мрежи.
„Помина повеќе од една година од појавата на SARS-CoV-2. Сега имаме повеќе решенија, вклучително и имунизација, кои можат да ги заштитат поединците и заедниците. Ми беше привилегија да ја примам првата доза mRNA за да ги научам моите клетки да воспостават имунолошки одговор на овој вирус“, напиша на Instagram оваа 24-годишна студентка по медицина.
„Како студентка по медицина и идна докторка, благодарна сум што вакцината ќе ме заштити и ќе ми даде безбедност. Ги повикувам сите да прочитаат за тоа и сериозно да ги разгледаат опциите за себе и за семејството кога таа опција ќе им биде понудена. Колку повеќе луѓе ќе се вакцинираат, толку нашите заедници ќе бидат побезбедни“, објасни Џенифер и изрази благодарност до докторите и здравствените работници кои неуморно работат во текот на пандемијата.
Таа нагласи дека ќе продолжи да носи маска и по втората доза на вакцината, ги повика сите оние на кои не им е јасно зошто, да ѝ се обратат за да ги упати на информативни извори.
Објавата ја заврши на сметка на теоретичарите на заговор:
„За жал, вакцината не го всади мојот генијален татко во мозокот. Кога mRNA би имала таква моќ“, се пошегува таа.