Вести

Коалите станаа „функционално изумрени“ како вид

20. мај 2019 - 9:11 | МИА

Коалата е „функционално изумрена“, тврди Австралискиот фонд за коали (АКФ). Имено, како што тврди оваа научна невладина организација посветена на зачувувањето на коалата, само 80.000 примероци од ова прекрасно животно од семејството торбари се останати во дивината, што значи дека ги нема доволно за да се одржат и во следната генерација.

Иако оваа бројка е драстично пониска од повеќето научни проценки досега, не постои сомнеж дека бројот на дивите животни коали нагло се намалува, објави „Њусвик“.

Коалите, ендемичен вид од Австралија, се многу ранливи на заканите како што се уништување на шумите, зарази и последиците од климатските промени.

АКФ ги прогласи коалите за „функционално изумрени”, што значи дека популацијата е толку ниска што веќе нема влијание врз животната средина или не е во можност да има улога во екосистемот.

Меѓу коалите веќе нема доволно возрасни единки на полова возраст кои би можеле да го одржат овој вид и која било генетска болест или патоген би можел да претставува „последна шајка во ковчегот“.

Тие сè уште се размножуваат, но генетската разновидност е премногу ниска

Коалите милиони години беа клучни за здравјето на шумите на еукалиптусот, ги јадат нивните високи лисја, додека нивниот измет што паѓа на шумското тло придонесува за суштинско рециклирање на хранливите материи во екосистемот.

Коалите се стари најмалку 30 милиони години, судејќи според фосилните остатоци, што значи дека некогаш биле и извор на храна за денес изумрат големи месојади, т.н. мегафауна.

Функционалното изумирање на видот може да значи и дека преостанатата популација, иако сè уште се размножува, страда од парење на животните во блиско сродство. Тоа повторно ги прави поподложни на болести. Генетските студии на таканаречениот Брег на коали, 20 километри југоисточно од Бризбејн, веќе покажаа намалена генетска разновидност, а популацијата на коали во југоисточен Квинсленд доживеа катастрофален пад.

Исто така, популацијата на коали во некои делови на Квинсленд и Нов Јужен Велс се намали за 80 отсто поради климатски екстреми, како што се големи суши и топлотните удари. Топлотните удари одеднаш убиваат по илјадници коали поради дехидрација.

Според АКФ, во 41 од 128 познати живеалишта на коали веќе нема ниту една единка од овој вид.

Бројот на коали е намален за 24 отсто и ќе продолжи да паѓа

Директорката на АКФ го повика австралискиот премиер да се обиде да направи нешто за спас на коалата.

– Го повикувам новиот премиер по изборите во мај да го донесе Законот за заштита на коалите, кој е напишан и подготвен од 2016 година. Судбината на коалите сега е на негови плеќи, рече Дебора Табарт.

Бројот на коали е тешко да се процени, наведува „Њусвик“, бидејќи коалите не се стационарни животни. Покрај тоа, тие се расфрлани преку исклучително широк спектар на урбани и рурални области во четири австралиски држави и една територија.

Утврдувањето дали некоја од овие расфрлани популации е функционално исчезната би претставувал потфат од големи размери.

Панел-експерти за коали во 2016 година ги испитуваа популациските трендовите за коалите во четири австралиски држави и утврдија дека популацијата паднала 53 отсто во Квинсленд, 26 отсто во Нов Јужен Велс, 14 отсто во Викторија и три отсто во Јужна Австралија. Вкупниот број коали, според нивната проценка, изнесува 329 илјади, со можен опсег од 144 до 605 илјади, и со пад од 24 отсто во последните три, но и во наредните три генерации.

Коалата официјално се води како ранлива во Квинсленд, Нов Јужен Велс и Австралиската Престолнинска Територија.

Коментирај