Во Обединетото Кралство сега е во тек важно тестирање на првата „персонализирана“ mRNA вакцина против најсмртоносната форма на рак на кожата - меланом.
Стив Јанг (52) од Стивенејџ, Хертс, кому во август минатата година му беше отстранет израсток на меланом на скалпот, е еден од првите пациенти кои ја пробаа вакцината.
Дизајнирана е да му помогне на неговиот имунолошки систем да ги препознае и елиминира сите преостанати клетки на ракот. И се надеваме дека тоа значи дека неговиот рак нема да се врати.
Вакцината, mRNA-4157 (V940), ја користи истата технологија како сегашните вакцини против ковид и се тестира во последната фаза од фазата III.
Лекарите во болницата при Универзитетскиот колеџ „Лондон“ (UCLH) ја даваат заедно со друга, пембролизумаб или китруда, која исто така му помага на имунолошкиот систем да ги убие клетките на ракот.
Комбинираниот третман, развиен од Moderna и Merck Sharp and Dohme (MSD), сè уште не е рутински достапен на NHS, освен клиничките испитувања.
Експертите во некои други земји, вклучително и Австралија, исто така ја пробуваат на пациенти за да соберат повеќе докази и да видат дали треба да се прошири.
Вакцината е персонализирана, што значи дека нејзиниот состав се менува за да одговара на индивидуалниот пациент.
Создадена е за да одговара на уникатниот генетски потпис на туморот на самиот пациент и работи така што му дава инструкции на телото да направи протеини или антитела кои ги напаѓаат маркерите или антигените кои се наоѓаат само на тие канцерогени клетки.
Истражувачот на UCLH, д-р Хедер Шо, рече дека вакцината има потенцијал да излечи луѓе со меланом и дека се тестира на други видови на рак, тумори на белите дробови, мочниот меур и бубрезите.
„Ова е една од највозбудливите работи што сме ги виделе во многу долго време. Апсолутно е прилагодена на пациентот - не би можеле да му го дадете ова на следниот пациент во редот затоа што не би очекувале дека ќе функционира. Навистина е персонализирана. Овие работи се исклучително технички и фино дизајнирани за пациентите“, рече Шо.
Колку порано се открие меланомот, толку е полесно да се лекува и толку е поголема веројатноста дека третманот ќе биде успешен.
Податоците од испитувањето на фазата II, објавено во декември, покажаа дека луѓето со сериозни, високоризични меланоми кои ја примиле инјекцијата заедно со имунотерапијата китруда имале речиси половина помала веројатност да умрат или да им се врати ракот по три години (49%) од оние на кои им давале само лекови.
Шо рече дека постои вистинска надеж дека терапијата би можела да ја „промени играта“, особено бидејќи се чини дека има „релативно толерантни несакани ефекти“.
Тоа вклучуваше замор и болка во раката по боцкањето, рече таа, додавајќи дека за повеќето пациенти тоа не изгледало полошо од вакцината против грип или ковид.