Ford веќе го запре производството на американскиот модел Fusion минатата година, додека на крајот на март 2022 година, ќе замре и производството на неговиот европски брат Mondeo.
Компанијата соопшти дека следната година ќе го запре производството на актуелниот Mondeo (лимузините и караваните) во фабриката во Валенсија, Шпанија, поради сѐ поголемите промени во желбите на клиентите.
Со други зборови, поради зголемената популарност на SUV / кросовер моделите и падот на интересот за класичните седани (сегментот на пазарот во кој се наоѓа Mondeo е намален за околу 80 проценти од 2000 година).
Тука треба да потсетиме дека првата генерација на Mondeo беше воведена во Европа на почетокот на 1993 година (како замена за дотогашната Sierra) и дека досега на Стариот континент се продадени околу 5 милиони Mondeo возила (од сите генерации заедно).
Mondeo инаку ќе остане во производство во Кина (веројатно уште неколку години), каде минатата година претрпе уште една рестилизација.
Од друга страна, Ford соопшти дека Валенсија ќе продолжи да произведува MPV моделите Galaxy и S-Max.
Конечно, Ford ќе понуди нов модел како индиректна замена за европскиот Mondeo и американскиот Fusion, во форма на повисок караван. Оваа новина се очекува до крајот на 2021 година, но останува прашањето за името под кое ќе се продава.