Италијанската крајнодесничарска политичарка Џорџа Мелони денеска положи заклетва како нов премиер на Италија, со што стана првата жена на оваа функција во историјата на земјата.
Лидерката на партијата Италијански браќа утрово положи заклетва пред италијанскиот претседател Серџо Матарела. Министрите на нејзината нова влада, исто така, положија заклетва во претседателската резиденција, палатата Квиринал во Рим.
По минатомесечните избори, земјата сега ќе биде управувана од коалиција која ги вклучува екстремно десничарската партија Лига и централнодесничарската партија Форца Италија. Вршителот на должноста премиер Марио Драги треба да ѝ ја предаде власта на Мелони во палатата Чиги, официјалната резиденција на италијанскиот премиер, утре, кога се очекува првиот состанок на владата или советот на министри.
Владата на 45-годишната Мелони допрва треба да биде потврдена со гласање за доверба во двата дома на Парламентот, што, според набљудувачите, би можело да се случи веќе следната недела. Десничарската коалиција освои најголем дел од гласовите на изборите во септември, давајќи ѝ апсолутно мнозинство во парламентот, поради што е малку веројатно дека гласањето за доверба ќе биде пречка за новата влада.