Фудбалерите на Манчестер Сити и бразилски Флуминенсе ќе одлучуваат кој е новиот светски клупски шампион на стадионот „Крал Абдула“ во Џеда.
Светското клупско првенство е при крај, а традиционално во финалето ќе играат најдобрите селекции од Европа и Јужна Америка. Манчестер Сити, шампионот на Стариот континент, важи за фаворит против освојувачот на Копа Либертадорес, Флуминенсе.
Избраниците на Пеп Гуардиола немаа никакви проблеми во полуфиналето и го совладаа првакот на Азија, јапонскиот Урава Ред Дајмондс со 3:0. Од друга страна, Флуминенсе беше подобар од египетскиот Ал Ахли со 2:0, но шампионот на Африка пружи многу посилен отпор.
На овој натпревар Манчестер Сити ќе настапи без двајца од своите најдобри фудбалери и најголеми ѕвезди, повредените Кевин де Брујне и Ерлинг Холанд. Убиственото дуо, поточно, се опорави од повредите, но немаат право на настап поради правилата на ФИФА.
Имено, ФИФА не дозволува играчи кои не биле пријавени за полуфиналето да играат во финалето. Така се разочараа навивачите на Сити кои нетрпеливо го чекаа враќањето на Де Брујне и Холанд.
Победникот од вечерашното финале ќе заработи вистинско богатство. Новиот клупски светски шампион ќе добие 4,65 милиони евра, додека поразениот ќе однесе дома 3,5 милиони евра.
Кој и да победи вечерва, Манчестер Сити или Флуминенсе, за него ќе биде прва титила клупски светски шампион.
Средбата меѓу Манчестер Сити и Флуминенсе се игра вечерва од 19 часот (21 по локално време) на стадионот „Крал Абдула“ во Џеда, Саудиска Арабија. Македонските фудбалски вљубеници финалето ќе можат да го следат во директен пренос на Arena Premium 3.
Претходно од 15:30 часот на „Принц Абдула Ал-Фајсал“ стадионот во борбата за третото место ќе се сретнат поразените полуфиналисти Ал Ахли и Урава Ред дајмондс.