Сем Мендес, оскаровецот и режисер на филмовите American Beauty и 1917, ќе го режира својот најамбициозен проект досега - четири меѓусебно поврзани биографии на „Битлси“, потврди Deadline.
Филмовите ќе ги продуцираат Sony Pictures Entertainment и Neal Street Productions.
Мендес откри дека сите приказни ќе бидат поврзани, а секој филм ќе биде раскажан од перспективата на еден од Битлсите - Пол Макартни, Џон Ленон, Џорџ Харисон и Ринго Стар. Ова е првпат Apple Corps Ltd., живите членови на „Битлси“ и семејствата на починатите членови да ги доделат авторските права на музиката и животните приказни на познати уметници со цел да направат игран филм.
„Овој проект произлезе од идејата што Сем ја имаше пред една година. Тоа е доказ за неговата креативна брилијантност и убедливост што Пол Макартни, Ринго Стар, Шон Ленон и Оливија Харисон го поздравија со таква топлина и ентузијазам штом почна да разговара со нив“, изјави Пипа Харис од Neal Street Productions.
„Битлси“ се највлијателниот и најуспешен бенд на сите времиња, а активни беа од 1960 до 1970 година. Во таа деценија, тие постигнаа повеќе од кој било друг бенд во историјата, а нивната популарност го надмина дури и неповторливиот Елвис Присли.
Дури и по распадот на бендот, сите четворица Битлси имаа успешни кариери. Макартни ги формираше Wings со неговата сопруга Линда, Ленон остана запаметен по неговиот активизам и музиката што ја создаде со Јоко Оно, Харисон беше дел од Traveling Wilburys, кои се состоеја од Боб Дилан, Рој Орбисон, Џеф Лин и Том Пети, додека Ринго Стар ја основаше бендот Ringo Starr and His All-Star Band.
Амбициозниот проект на Мендес уште е во рана фаза на развој, но се очекува првиот филм да биде премиерно прикажан во 2027 година.