Единицата на турската полиција за борба против тероризмот привела активисти вклучени во демонстрациите против резултатите од референдумот.
Над стотина луѓе се собраа во неделата на две локации во Истанбул и протестираа поради победата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на референдумот, на кој со тесно мнозинство, му се дадени поголеми овластувања.
Протестите продолжија и наредните денови, а демонстрантите се собраа во Бешикташ во европскиот дел на Истанбул, како и во азискиот дел на градот, носејќи транспаренти со натпис „Не, ние ќе победиме“, извикувајќи „Крадец, убиец, Ердоган“.
Ова не е прв пат Ердоган да спроведе чистка на неистомислениците. Сѐ уште траат апсењата по неуспешниот пуч во јули минатата година.
По наредба на Ердоган тогаш биле уапсени над 50.000 луѓе, додека над 111.000 останале без работа во судството, образованието, медиумите, државната администрација, војската, полицијата.