Најновото истражување покажува дека повеќе од една милијарда луѓе ширум светот сега живеат со дебелина, а стапката кај децата е четирикратно зголемена во последните 32 години.

Анализата на мерењата на тежината и висината на над 220 милиони луѓе од повеќе од 190 земји покажува како индексот на телесна маса (БМИ) се променил во светот помеѓу 1990 и 2022 година.
Истражувањето објавено во Lancet покажа дека стапките на дебелина во тој период се зголемиле за четири пати кај децата, а двојно кај возрасните.
За девојчињата ширум светот, стапките на дебелина се зголемија од 1,7% од светското население во 1990 година на 6,9% во 2022 година. Кај момчињата, во истиот временски период зголемувањето е од 2,1% на 9,3%.
Дебелината кај возрасните се дефинира како индекс на телесна маса поголем или еднаков на 30 kg/метар квадратен.
Кај жените, стапките на дебелина во светот се зголемија од 8,8% на 18,5%, а кај мажите од 4,8% на 14% во истиот период. Во исто време, стапката на луѓе со недоволна тежина опадна и кај децата и кај возрасните, што значи дека дебелината е најчеста форма на неухранетост во многу земји во светот.
Во 2022 година, 880 милиони возрасни и 159 милиони деца живееле со дебелина. Островските држави во Пацификот - Тонга, Американска Самоа и Науру - се земјите со највисоки стапки на дебелина од над 60%.
Професорот Маџид Езати, виш автор на студијата, рече дека е „многу загрижувачко“ што епидемијата на дебелина, која беше евидентна кај возрасните во поголемиот дел од светот во 1990 година, сега ги погодува децата и адолесцентите на училишна возраст, пишува The Guardian.