Шпанскиот премиер, Маријано Рахој, изјави денеска дека неговата влада нема да дозволи Каталонија да прогласи независност и да се одвои од државата.
Рахој во интервју за весникот „Паис“ рекол дека Шпанија нема да се дели, како и дека единството на шпанскиот народ ќе биде зачувано.
„Владата во Мадрид ќе ги разгледа сите расположливи правни средства за да спречи Каталонија да прогласи независност“, рекол Рахој.
Шпанскиот премиер рекол дека Мадрид може да се повика на член 155 од Уставот кој ѝ овозможува на владата да суспендира, во целост или делумно, регионална самоуправа која не гo почитува уставот или ги загрозува интересите на Шпанија.
Каталонскиот премиер Карлес Пучдемон рекол дека овој шпански регион ќе прогласи независност по минатонеделниот референдум, кој шпанската централна власт не го признава.