Расте бројот на новозаразени со коронавирусот во Скопје и Тетово

Скопје и Тетово се градовите во кои бројот на новозаразени со коронавирусот и натаму расте. Според вчерашната статистика, од 54 новорегистирнани случаи од направени 3.087 тестирања, дури 32 се од Тетово, а потоа следува Скопје со 13, Дебар со 4, Гостивар и Валандово со по 2 и Кичево 1. Во 13 градови нема активни случаи.

Во Тетово вчера беше забележан и еден смртен случај. Од COVID-19 почина 77-годишно лице во болнички услови

Вчера беа регистрирани и 28 оздравени пациенти, од кои 12 од Скопје, 4 од Куманово, 3 од Тетово, по 2 од Кичево, Велес, Охрид и Струга и 1 од Струмица.

Досега во земјата се направени вкупно 985.556 тестирања.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 156.506, бројката на оздравени пациенти е 150.399, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 613.

Најголем број на активни случаи има во Скопје и тоа 184, следат Тетово со 177, Куманово 67, Гостивар 47, Битола 25, Дебар 21, Струмица 16, Кичево 15, Прилеп 11, Охрид 9, Валандово 7, а Струга и Кочани по пет активни случаи. Потоа следи Кавадарци со четири активни случаи, а по три имаат Велес, Штип, Свети Николе, Берово и Радовиш. Пехчево и Гевгелија имаат по два активни случаи, а Делчево еден. Во Неготино, Ресен, Крива Паланка, Виница, Пробиштип, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Кратово, Македонски Брод, Македонска Каменица и Дојран немаат ниту еден активен случај во моментов.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека голем удел во бројот на новозаразени периодов имаат патниците кои доаѓаат од странство, а дали тие се носители на Делта варијантата се утврдува дополнително.

– Најдобра заштита против коронавирусот и сите досега појавени мутации се вакцините, а ние не можеме вечно да живееме со рестрикции, изјави Филипче, апелирајќи до граѓаните да бидат свесни дека треба да се вакцинираат.

Тој уште еднаш повтори дека и покрај порастот на новозаразени, засега нема да се воведуваат рестриктивни мерки. Можно е на есен евентуално да бидат воведени ограничувања и тоа само за невакцинираните граѓани.

– Не може да ни се повтори сликата од лани со сите тие заострени ограничувања, вели министерот Филипче.

Тој потенцира дека здравствениот систем во моментов е подготвен да одговори на евентуален нов бран на зараза

Од Министерството за здравство интензивно ги следат и анализираат препораките во однос на вакцинацијата. Можните сценарија, според Филипче, се да има препорака за трета доза на вакцини или вакцината да стане сезонска. Но, повеќе сознанија за тоа дали вакцината ќе стане сезонска или не, се очекуваат во септември или октомври.

Вакцинацијата во моментов се одвива непречено. Во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен досега се вакцинирани околу 520.000 граѓани.

Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 63 отсто од населението над 70 години, 61 проценти од оние над 65 години, 55 отсто од граѓаните над 60 години, како и 45 проценти од лицата над 50-годишна возраст.

Веб-платформата vakcinacija.mk е отворена за закажување на термини за вакцинација и на деца. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, како и во А1 Арена – СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

Лидерите на Светската здравствена организација, Светската трговска организација, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка колективно ги повикаа производителите на вакцини против Ковид-19 да им дадат приоритет на испораките за посиромашните земји.

Во заедничката изјава, тие порачаа дека земјите што се многу напредни во вакцинирањето против болеста треба брзо да обезбедат дози во корист на „помалку просперитетните нации“.

Повеќе од четири милијарди дози вакцини против Ковид-19 се веќе администрирани ширум светот. Во земјите категоризирани од Светска банка како држави со високи приходи, се инјектирани 98,2 дози на 100 лица, додека во 29 земји со најнизок стандард тој показател изнесува 1,6 на 100 лица.

Во светот досега со коронавирусот се заразиле околу 199 милиони лица, починале околу 4,2 милиони, а оздравеле околу 180 милиони луѓе.

На улиците на австралискиот град Сиднеј од вчера се распоредени војници, кои се задолжени за спроведување на рестриктивните мерки воведени поради Ковид-19.

Околу 300 војници вчера пристигнаа во Сиднеј на барање на државната полиција на Нов Јужен Велс. Тие ќе доставуваат и храна од врата до врата и ќе проверуваат дали се почитува карантинот, што е во сила до крајот на август.

Властите во Сиднеј се обидуваат да го запрат ширењето на делта сојот, откако од средината на јуни се регистрирани над 3.600 новозаболени лица.

Полска ја зајакнува безбедноста на пунктовите за вакцинација по два инциденти со подметнување пожар во еден од нив и обид на противници на вакцини да се инфилтрираат во друг.

Шефот на полицијата Јарослав Симчик рече дека бил подметнат пожар во мобилен центар за вакцинација и канцеларија што ја користи локалната епидемиолошка агенција во источниот полски град Замош. Нема жртви во пожарот.

Тој ги нарече инцидентите „крајно шокантни“ и најави дека ќе има „деноноќно“ обезбедување во центрите за вакцинација.

Владата ги охрабрува Полјаците да се вакцинираат. Речиси 50 проценти од населението е целосно вакцинирано, а анкетите покажуваат дека до една четвртина од Полјаците или се против вакцинација или се двоумат дали да се вакцинираат.

реклама

Македонија

Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено

Read more

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Read more

Османи победи во Торонто

Read more

Ганиу до Груби: Терапијата ти ја препишува д-р Арбен, ќе ја примиш на 8 мај

Read more
 

Вести

Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено

Читај повеќе

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Читај повеќе

Бран насилство во Хаити: илјадници мртви, премиерот поднесе оставка

Читај повеќе

Русија најави: Ги преместуваме системите Искандер на границата со Финска

Читај повеќе

Османи победи во Торонто

Читај повеќе

Ганиу до Груби: Терапијата ти ја препишува д-р Арбен, ќе ја примиш на 8 мај

Читај повеќе

Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени

Читај повеќе
  • filter

Во прв круг за претседател е избран само Глигоров со 715.087 гласа, Силјановска и Пендаровски по вторпат во втор круг

Читај повеќе

Над 100 кг кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија

Читај повеќе