Руски ракетен напад погоди клучна инфраструктура во Киев, а беа нападнати и Харков и Запорожје, соопштија официјални лица.
Пред да се сигнализира воздушната тревога, утрово одекнаа повеќе експлозии во Киев, а властите ги повикаа жителите да одат во засолништа.
„Ракетен напад врз клучни инфраструктурни објекти. Деталите се проверуваат“, објави заменик-началникот на кабинетот на претседателот на Украина Кирил Тимошенко. Воената администрација на Киев не објави за каква инфраструктура станува збор.
Прв голем напад оваа година
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко ги повика жителите да одат во засолништата. Тој исто така рече дека остатоците од проектилот паднале на ненаселена област во западниот дел на Киев.
Тоа е прв голем напад врз главниот град на Украина од Нова година.
Гувернерот на украинската област Черкаси предупреди дека Русија може да изврши моќен ракетен напад во текот на денот и исто така го повика населението да се засолни.
Гувернерот на јужната област Миколаев, Виталиј Ким, предупреди дека 17 руски бомбардери Тупољев полетале од воздушните бази. Неговата изјава дојде веднаш по воздушните напади на Киев и Харков.