Свет

Се сруши ирански воен товарен Boeing 707, има само еден преживеан

14. јануари 2019 - 14:11 | А.С.

Ирански воен товарен авион Boeing 707 се сруши западно од Техеран поради лоши временски услови, при што загинаа 15 од вкупно 16 членови на екипажот.

Иранската војска соопшти дека авионот што се сруши во провинцијата Алборз е ирански и дека има само еден преживеан од членовите на екипажот, објави новинската агенција Fars.

Преживеаниот е инженер кој е згрижен во болница, соопшти војската.

Авионот се срушил на аеродромот Фат во Караџ, западно од Техеран, објави Russia Today.

Иранските државни медиуми претходно објавија дека авионот бил киргистански, а не ирански и дека имало 10 членови на екипажот од кои биле извлечени телата на седуммина.

Товарното летало со ознаки на авиокомпанијата Saha полетало и веднаш почнало принудно да слетува во 8 часот и 30 минути на аеродромот Фат што е под контрола на иранската паравоена Револуционерна гарда.

Авионот првично требало да слета на блискиот меѓународен аеродром Паџам, на околу 40 километри западно од Техеран.

Службите не ги објавија причините зошто екипажот на лет добил наредба да се врати на аеродромот Фат што се наоѓа на околу 10 километри југозападно од Паџам. Пистата на тој аеродром е долга околу 1.100 метри во споредба со пистата на Паџам што е долга 3.600 метри.

Авионот Boeing 707 почнал да се произведува во 1958, а конкретното летало датира од 1979 година.

Судејќи по фотографиите од местото на настанот, авионот при ударот на тлото се преполовил, удрил во ѕид што го одвојува аеродромот од населеното место во близина и потоа удрил во куќа и се запалил.

Коментирај