Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, оствари телефонски разговор со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, а во врска со одобрувањето на Босна и Херцеговина за патување на македонските граѓани со лична карта.
Бојмацалиев информира дека со министерот Нешиќ разговарале во насока на тоа македонските граѓани да може да патуваат во Босна и Херцеговина со лични карти со старото име почитувајќи ја спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји, потпишана во 2018 година.
Во оваа пригода Бојмацалиев го истакна значењето на градење мостови со пријателските земји и рече дека оваа можност е во рамките на засилената соработката и унапредените односи помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина во изминатиот период, како и тоа дека оваа пракса е веќе воспоставена и со Србија, Албанија и со Косово, каде што се дозволува влез со лична карта со старото име на државата.
Воедно, Бојмацалиев потенцира дека МВР е подготвено да стори сè што е потребно за да им се овозможи на граѓаните да ги остварат сите свои со Уставот и со законот загарантирани права.
Минатата недела министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информира дека бил доставен официјален допис од Босна, дека на нејзината територија повеќе нема да бидат валидни пасошите и личните карти со старото име на државата.