Екипата на чаирски Шкупи попладнево во одложениот натпревар со минимални 1:0 го победи Работнички, со што избори место во полуфиналето од Купот на Македонија.
Натпреварот требаше да се одигра синоќа, но беше одложен поради дождот и лошиот терен на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари.
Денеска се одигра на терените на Фудбалската федерација во Ново Лисиче.
Победничкиот гол за чаирчани беше дело на дефанзивецот Марио Младеновски во 16-тата минута со глава по нафрлувањето од корнер на Али Адем.
Шкупи во полуфиналето им се придружи на Тиквеш, бранителот Македонија ЃП и Воска Спорт. Следува жрепката која ќе ги одреди полуфиналните двојки.