Свежина на модната сцена: Што понуди првото издание на Скопски моден фестивал?
Под слоганот „The Future was Present“ деновиве се одржа официјалната премиера на Скопски моден фестивал, нова забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста, во присуство на бројна публика, претставници на медиумите, шоу бизнис ѕвезди и истакнати дејци од креативната индустрија, кои имаа единствена прилика да ги проследат ревиите на десет познати домашни и странски дизајнери во Скопје Сити Мол.
Со свои ревии се претставија: сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски под брендот KTN, брендот за ексклузивен италијански накит SIGMA Jewelry, македонската дизајнерка Евгенија Зафировска заедно со Теја Јеглиќ од Словенија, грчката дизајнерка со Стела Папакоста (STL Studios), Сара Реџиќ (Sari Gi), спортскиот бренд Superstacy од Турција, македонската дизајнерка Стефанија Насеска, албанската дизајнерка Катерина Зото и Емили Пишева Гоџирова (Emili Exclusive Design).
Вториот дел од програмата на Скопски моден фестивал е тринеделниот изложбено-продажен салон на приземјето во трговскиот центар, каде ексклузивно можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници, на кои им се придружија дизајнерките Моника Димова и Мирјана Јосифоска, како и брендовите Minnimal, La Dama и MNML by Nana. Oд почетокот на оваа седмица па сè до 27 март, шоурумот на Скопски моден фестивал ќе биде отворен за сите посетители на трговскиот центар, но и специјални гости од светот на уметноста и музиката, кои дополнително ќе ја прослават новата модна пролет во градот.