Македонија

Тевдовски: Во ИТ секторот платите се зголемуваат за 5,5 проценти

18. јуни 2019 - 13:25 | МИА

Во Северна Македонија трендовите покажуваат постепена стагнација, односно намалување на степенот на нееднаквоста, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

„Нееднаквоста не е прашање во надлежност на Централната банка, но ние секако ги следиме и анализираме бројките и охрабруваат бројките што упатуваат на постепена стагнација, односно намалување на нееднаквоста во нашиот случај. Инаку во глобални рамки тоа е многу актуелно прашање кое се дискутира особено во последната деценија во светски рамки каде се забележува натамошен тренд на раст на нееднаквоста во општествата. Особено тоа е случај во американската економија и оттаму голем фокус на ова прашање не само за дијагностицирање, туку и на мерките и политиките кон кои треба да се насочат носителите на политиките со цел справување со овој глобален предизвик“, рече Ангеловска-Бежоска во изјава за новинарите по повод претстојниот состанок на Конституенцата на СБ и ММФ што викендов ќе се одржи во Скопје.

За министерот за финансии Драган Тевдовски темата на Конституенцата се совпаѓа со главниот фокус на Владата, затоа што мерките што ги преземаат се во насока на намалување на нееднаквоста, како што е праведното оданочување со цел обезбедување дополнителни средства за социјална реформа.

„Ние како земја сме први во регионот што воведоа минимален адекватен приход, со тоа многукратно ги зголемивме социјалните трансфери кон најранливите категории граѓани. Анализата на НВО покажа дека овие две мерки-праведното оданочување и реформата на социјалната заштита практично ќе ја намали дури и ќе ја отстрани апсолутната сиромаштија во земјата“, рече Тевдовски потсетувајќи една од првите владини мерки беше зголемување на минималната плата на почетокот на мандатот.

Додаде дека се бележат резултати и во делот на платите кои растат, вели со многу посилна динамика.

„Праведното оданочување наспроти многу кои даваа апокалиптични сценарија дека луѓе ќе се иселуваат и фирми ќе се отвараат во странство, тоа не се случи. Напротив бројките од Државниот завод за статистика, но и други релевантни инстиуции покажуваат дека платите растат со посилно темпо од претходно. Во ИТ секторот платите се зголемуваат за 5,5 проценти, вработеноста се зголемува и на општо ниво и кај младите, и се укажува дека одиме во правилна насока кон поправедно општество“, посочи Тевдовски укажувајќи и на забележаниот посилен раст на индустриското производство, на извозот, на вработеноста како темели на поправедно општество.

На крајот од неделава најави ќе биде промовирана и мерката за враќање на ДДВ за физичките лица која треба да стартува од 1 јули, а е дел од владината програма.

Како до поправедно општество до поправеден ситем е тема во фокусот и на состанокот на Холандско-белгиската конституенца при Светска Банка и Меѓународниот монетарен фонд кој од 21 до 23 јуни ќе се одржи во Скопје.

Домаќини на состанокот кој има големо меѓународно значење се Народната банка и Министреството за финансии. Како што истакнаа на средбата со новинарите гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Тевдовски по повод одржувањето на состанокот на Конституенцата во Скопје, токму оваа тема – нееднаквоста, кои се причините за неа, што доведува до неа, какви се трендовите во последниот период, особено во посткризниот период и дали таа се зголемува ќе биде во фокусот на дискусиите на сите говорници.

„Меѓутоа, нема да се застане тука, ќе се дискутираат и можни решенија, политики во различни аспекти кои на крајот треба да доведат до позитивни ефекти, односно да доведат до порамномерна дистрибуција на доходот во секое едно општество“, рече Ангеловска – Бежоска.

За министерот Тевдовски, состанокот е огромно признание и поддршка за нас, и се случува во период кога имаме многу позитивни сигнали во економијата, позитивни случувања, подигнувања на кредитниот рејтинг, но исто така ќе биде искористен за најдобра промоција на нашата земја.

На форумот ќе учествуваат високи претставници од ММФ и СБ, како и голем број министри за финансии и гувернери од членките на Конституенцата. Од ММФ доаѓаат дирекорот за европскиот дел Пол Вилсон, кој е добар познавач на состојбите во нашата земја и беше шеф на првата мисија на ММФ во државата од независноста, како и директорот за фискални политики Виктор Гашпар. Од СБ ќе присуствуваат тројца директори на СБ, што е, според Тевдовски, невообичаено за овој формат на состаноци. Меѓу говорниците го издвоија проф. од Универзитетот во Чикаго Луиџи Зингалес во чиј фокус на научен интерес е токму нееднаквоста во САД, колку фундаментите на овој систем во кој живееме создава предуслови за праведно општество или креира бариери и пречки за тој систем и како овој систем да застане на здрави нозе.

Коментирај