Во Република Српска вчера се одржа референдум, прв во дејтонската Босна и Херцеговина, на кој граѓаните одлучија во иднина 9 јануари да се обележува како Ден на Република Српска.
На референдумот од запишаните 1.219.399 граѓани, на гласачките места излегле помеѓу 59 и 60 отсто од гласачите, од кои 99,79 отсто се изјасниле 9 јануари во иднина да се обележува како Ден на Република Српска.
Гласањето минало без инциденти, во мирна атмосфера, а претседателот Милорад Додик порачал дека референдумот ќе влезе во историјата на РС и Босна и Херцеговина. Додик рекол дека референдумот е законско право кое го има Република Српска, истакнувајќи дека „српскиот народ покажал зрелост и политичка решителност.
Премиерката Жељка Цвијановиќ изјавила дека сите оние кои нема да можат да се идентификуваат со 9 јануари како со денот на Републиката, нема да имаат обврска да го прославуваат.
Додека во РС се одвиваше референдумското гласање, во останатиот дел од Босна и Херцеговина, медиумите известуваа дека се работи за неуставен референдум, кој нема ништо да смени во државата.
Претседателот на претседателството на Босна и Херцеговина и претседател на партијата СДА, Бакир Изетбеговиќ, оценил дека референдумот е „ескалација на самоволието на претседателот Милорад Додик“.
Референдумот мина во напната атмосфера на релација Сараево-Бања Лука, бидејќи Уставниот суд на БиХ, кого раководството на РС не го признава, го прогласи референдумот за неуставен.
Од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор кој означи крај на војната во БиХ, ниту едно прашање не ги крена тензиите како што тоа го направи одлуката на Бања Лука да го организира референдумот.
Светските агенции пренесоа дека во РС е одржан референдум, за спорен национален празник, а агенциите Ројтерс и АФП, констатираа дека мнозинството граѓани се изјасниле во иднина 9 јануари да се прославува како Ден на РС, дополнувајќи дека овој празник е спорен за останатите ентитети во БиХ, бидејќи е датумот е поврзан со војната која се водеше во 90-тите години од минатиот век.
Исто така агенциите потенцираат дека референдумот е прв на територијата на БиХ по оној во 1992 година кога граѓаните гласа за отцепување од Југославија по што следуваше крвава тригодишна војна.
Ројтерс потсетува дека на 9 јануари 1992 година босанските Срби прогласија независност од Босна и Херцеговина наведувајќи дека „со тој чин се забрзаа воените дејствија во крвавата војна која однесе најмалку 100.000 човечки животи“.
Европската унија и САД не го подржаа референдумот, поради стравот дека тој може да ја дестабилизира земјата, додека Русија го поддржа референдумот.