На 7 април (недела) со почеток во 12 часот во КПС „Центар - Јадро“ ќе се одржи промоција на автобиографската книга на д-р Џемиле Берат - првата Ромка од Македонија што завршила Медицински факултет.
Родена во Крива Паланка во сиромашно ромско семејство со шест деца, Џемиле завршила основно и средно образование во родниот град со одличен успех, како една од најдобрите ученици во генерацијата. Во 1976 година се запишала на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и станала првата жена Ромка запишана на факултетот во Македонија, а и пошироко во тогашните југословенски простори. Нејзините најблиски со скептицизам и недоверба гледале на одлуката на студира мецицина, а изненадени биле и професорите на факултетот, но и воодушевени и ја поддржувале за време на целите студии.
Откако дипломирала, се вработила во Здравствениот дом во Крива Паланка, а потоа се префрлила во Воената амбуланта во Бјеловар, Хрватска, каде што бил прекомандуван нејзиниот сопруг, инаку воен доктор. По распадот на Југославија се вратила во Македонија и почнала да работи во Воената болница, каде набргу почнала специјализација по психијатрија на Клиниката за психијатрија. Сè до пензионирањето пред три години, работела во Воената болница како специјалист-психијатар.
„Работата си ја сакав и работев со голема љубов, професионалност, одговорност и преданост. На работното место ја почувствував стигматизацијата и како жена, но и како Ромка. Пишувањето на оваа автобиографска книга ја чувствував како должност зашто сакав да биде мотивирачка за сиромашните, интелигентни млади луѓе, особено за мојата ромска нација, дека желбата, трудот и упорноста секогаш победуваат во остварувањето на својот сон, како што ми помогнаа и мене. Го остварив својот сон, станав докторка и тоа прва докторка Ромка“, вели д-р Џемиле Берат.
КПС „Центар - Јадро“ се наоѓа во Дебар Маало на ул. „Алберт Ајнштајн“ бр. 2.
Д-р Џемиле Берат гостуваше во утринската емисија „Добро утро секое утро“ на ТВ Алфа: