Легендарниот француски фудбалер Зинедин Зидан моментално се наоѓа на крстопат во кариерата, каде што едниот пат води до Јувентус, а другиот до француската репрезентација.
Педесетгодишниот Зидан е веќе докажан тренер, но е без работа откако го напушти Реал во јуни 2021 година.
Веќе подолго време се шпекулира дека го чека заминувањето на Дидје Дешан за да стане селектор на француската репрезентација, а тој наводно веќе ги одбил понудите на ПСЖ и Манчестер Јунајтед кои сакале да го доведат за тренер.
Зизу го направи тоа затоа што сакаше да ја води Франција.
Corriere dello Sport пишува дека Зидан се уште ја чека својата шанса да ја предводи селекцијата на ЕП 2024 и Светското првенство во 2026 година, но многу зависи од одлуката на Француската фудбалска федерација во врска со Дешан.
Доколку Дешан остане на тренерската позиција и покрај поразот во финалето на СП во Катар од Аргентина, Зидан би можел да се врати во Италија и да стане тренер на Јувентус. Шефовите на „бјанконерите“ ќе разговараат со сегашниот тренер Макс Алегри на крајот од сезоната за да ја решат неговата иднина.
Сепак, и да си замине Алегри, прашање е дали Зидан ќе одлучи да го замени или ќе продолжи трпеливо да чека Дешан да си замине.