Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател одобри екстрадиција на основачот на WikiLeaks Џулијан Асанж во САД, каде ќе се соочи со обвинувања за шпионажа.
Британското Министерство за внатрешни работи во соопштението наведе дека Асанж има рок од 14 дена да поднесе жалба за оваа одлука, пренесе Reuters.
Тој може да се жали до Високиот суд во Лондон, кој мора да даде одобрение за продолжување на жалбениот процес. На крајот му останува да се жали до Врховниот суд на Велика Британија, но ако жалбата биде одбиена ќе мора да биде екстрадиран во рок од 28 дена.
САД го обвинуваат Асанж по 18 точки меѓу кои шпионажа и хакирање државни компјутери, како и објавување стотици илјади доверливи документи со што, како што тврдат, ги загрозил животите на многу луѓе.
За тие дела би можел да добие казна до 175 години затвор, пишува CNN.