Неколку промени за претстојното единаесетто издание на традиционалниот музички фестивал Здраво Mлади кои настанаа поради рестрикции како последица на пандемијата.

Поради мерките кои константно се менуваат, артистката Нога Ерез од Израел и бендот Viagra Boys од Шведска го откажаа својот настап. Додатно на тоа, новите мерки во државава за забрана за влез на невакцинирани лица на концерти го натера организаторот да донесе одлука фестивалот наместо во два дена да се одржи во еден.
„Официјално, 11-тото издание на Здраво Mлади ќе се одржи во еден ден - 27 август. Со тешко срце признаваме прва победа на пандемијата во изминативе 2 години. Како што претходно објавивме, дојде до промена на програмата, па моменталниот lineup за Здраво Млади 11 е следниов: Hercules & Love Affair, Shortparis, Blackstate, Мурман Цуладзе, ИСКРА, Луфтханза, Belgrado, Peki Pele + деновиве следуваат уште најави за артисти и дополнителна програма. Биткава трае долго, но нема да дозволиме да нѐ исцрпи“, објави организаторот.
„Многу ми е жал што морам да објавам дека нема да настапам на годинашниот Здраво Млади фестивал. За жал, поради константните промени на ковид-рестрикциите за патувања во Израел, периодов мораме да останеме во Тел Авив. Жалам за откажувањето во последен момент“, објави Нога Ерез, израелската поп-ѕвезда која македонската публика со нетрпение ја очекуваше.
„Поради растот на активни случај во Шведска, Скандинавија и Европа, чувствуваме дека не е одговорно да се патува во моментов. Особено не за членовите на бендот кои имаат мали деца и фамилии. За жал донесовме тешка одлука да го откажеме наштиот настап на Здраво Млади“, истакнаа од шведскиот пост-панк бенд Viagra Boys, кој беше првиот потврден изведувач најавен уште во април. Тие требаше да настапат и лани, но и тогаш откажаа поради задолжителниот карантин во кој ќе требаше да бидат ставени по враќањето од Македонија. Можеби трета среќа наредната година...
Дополнително, одлучено е веќе купените билете да се користат за 27 август со тоа што секој кој веќе има билет ќе добие и 50% попуст на билет за наредната година. Во продажба ќе бидат пуштени и нови еднодневни билети по цена од 400 денари.
Оние кои не можат да дојдат на фестивалот поради новите владини мерки или не сакаат поради откажувањето на Нога Ерез и Viagra Boys можат да побараат рефундација на средствата на online@mkc.mk или на Facebook.