Месеци откако договорот за примирје стави крај на воениот конфликт во Нагорно-Карабах, Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за маневри вон договорените граници откако шесмина ерменски војници завршија во притвор во Азербејџан.
Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека „на 27 мај околу 3 часот по полноќ извидничко-диверзантска група на воените сили на Ерменија направи обид да ја мине државната граница“.
Азербејџанските власти тврдат дека шестмината уапсени пробувале да постават мини со цел да се прекине доводот на роба и намирници, опишувајќи го делото како терористички чин.
Нешто подоцна ерменскиот премиер Никол Пашинјан обвини дека војниците биле киднапирани од ерменска територија.
„Нашите војници извршуваа работни задачи на договорената граница со Азербејџан. Работеа на поставување на знаци за предупредување од мини. Немаше никаква врска со саботажа“, рече Пашинјан.
„Провокациските акции на воено-политичката власт на Азербејџан имаат за цел да ја разгорат ситуацијата, што сериозно може да го растури кревкиот мир и стабилност во регионот“, додадоа од ерменското министерство за надворешни работи.
Двете кавказки републики уште од излегувањето од Советскиот Сојуз се во спор поради делот наречен Нагорно-Карабах каде мнозинство се етнички Ерменци, но територијано му припаѓа на Азербејџан. Регионот е самопрогласена ерменска Република Арцах, но меѓународно непризната.