Шаховскиот велемајстор и руски опозиционер Гари Каспаров зборуваше за војната во Украина и рускиот режим и рече дека распадот на руската држава не е идеално сценарио, но дека продолжувањето на руската империја ќе биде полошо.

Каспаров во интервју за Bild се осврна и на проблемите со испраќањето тенкови во Украина, а различните мислења кај западните сојузници ги оцени како успех на руската пропаганда.
„Кога ќе се соочите со предатор, треба да го погледнете во очи. Ако побегнете, сте изгубиле. Путин смета на оваа слабост и неговата пропаганда го слави неодлучниот став на Западот. Диктаторот мора да претстави слика на сила , во спротивно ќе падне. Затоа Путин постојано ја ескалира ситуацијата и се заканува со нуклеарно оружје“, рече Каспаров.
Кога станува збор за иднината на Русија, Каспаров нагласи дека Русија може да стане нормална земја под одредени услови.
„Западот нема избор помеѓу доброто и злото, туку меѓу злото и помалото зло. Колапсот на руската држава не е идеално сценарио, но продолжувањето на руската империја би било полошо. Советскиот сојуз умре во 1991 година, но не руските империјални апетити. Само без овие тврдења Русија може да стане нормална земја“, смета шаховскиот велемајстор.
Во интервју за германскиот медиум, Каспаров го опиша Путин како блефер.
„Западот има огромна воена предност и само треба да се осмели да ја дефинира целта на војната. Путин е како покер играч со слаба рака. Тој постојано блефира. Знае дека е многу послаб во војска, па продолжува да се заканува со нуклеарно оружје“, посочува Каспаров.
Тој одговори и на прашањето кога режимот на Путин би можел да стане минато.
„Штом ќе се ослободи Крим, режимот на Путин ќе падне. На таквите режими им требаат митови. Ако Русите видат дека Крим е изгубен, митот ќе пропадне“, објаснува тој.
Каспаров на крајот од интервјуто се осврна на можноста за нуклеарна ескалација, од која многумина стравуваат.
„Знаеме дека руската корупција е многу поефикасна од руското оружје. Благодарение на неа, веројатно секој генерал или адмирал стана мултимилионер. Ако очекувате дека вашиот нуклеарен напад врз Киев или Харков ќе резултира со американски одговор и ако знаете дека ќе бидете мртви за 15 минути, ќе си го ризикувате животот? Имате многу пари на сметката во банка, стан во Прага, вила во Малага, внуци на Оксфорд. Дали навистина ќе умрете за Путин? Шансите нуклеарната ескалација се минимални“, заклучи Гари Каспаров.