Наполи минатата сезона ја освои Серија А. Тоа беше трета титула во клупската историја и прва од 1990 година. Сезоната по освојувањето на титулата е вистински кошмар за „Партенопеите“. Во финишот на сезоната, Наполи се наоѓа на 8. место со 49 бодови, дури 37 помалку од новиот шампион Интер.

Sport Italia пишува дека Наполи оваа сезона доживеа „огромно разочарување“ поради што во летниот преоден рок ќе „има ревилуционерни промени“. Претседателот на клубот, Аурелио Де Лаурентис, изјави дека ниту еден играч не е недопирлив, што значи дека сите би можеле да бидат продадени.
„Постои сериозна опасност од револуција која може да ги вклучи дури и клучните играчи кои го освоија Скудетото, како Џовани Ди Лоренцо (30) и Андре-Франк Замбо Ангиса (28)“, пишува Sport Italia.
Ди Лоренцо е репрезентативец на Италија и капитен на Наполи, со кого има договор до летото 2028 година. Transfermarkt неговата вредност ја проценува на 18 милиони евра. Во Наполи е од 2019 година, а претходно во кариерата играше за Реџина, Кунео, Матера и Емполи.
Ангиса е камерунски централен играч за врска чиј договор е до 2025 година, но постои опција да се продолжи за уште две сезони. Во кариерата играше во Марсеј, Фулам и Виљареал. Според Transfermarkt тој е проценет на 30 милиони евра.
Sport Italia, тврди дека главната ѕвезда на Наполи, Виктор Осимхен (25) се поврзува со клубови како ПСЖ и Баерн, а Де Лаурентис неколку пати изјави дека за него ќе бара повеќе од 100 милиони евра. Тој има договор до летото 2026 година, а Transfermarkt го проценува на 110 милиони евра.
Познато е веќе дека Пјотр Желињски како слободен играч ќе се пресели во Интер.