Google одлучи да ја откаже својата годишна конференција за програмери, најважниот настан за нив. Секако, причината за откажување на настанот е ширењето на корона вирусот.
Годинашната I/O конференција требаше да биде одржана помеѓу 12 и 14 мај, но веста за откажувањето пристигнува само неколку дена откако компанијата го откажа настанот Cloud Next во Сан Франциско.
„Поради загриженоста од ширењето на Covid-19, поради препораките од Американскиот центар за контрола и превенција од болести, Светската здравствена организација и други здравствени организации, одлучивме да го откажеме настанот I/O“, изјавија од компанијата.
Google обично ја користи конференцијата I/O за претставување на новитети како што се промените на Android, подобрувања на хардверот и ажурирање на услугите на Google.
Од компанијата изјавија дека бараат друг начин како да го одржат настанот и да ги поврзат програмерите ширум светот.