Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, а за негова доследна реализација ќе биде изготвена методологија и други пропратни документи.
Конечната одлука за одржување на пописот во земјата, прв по 19 години, беше потврдена со вчерашното гласање во Парламентот, зад кое, како што и најави, не застана најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Собранието во рамки на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во 2021. За Законот за пописот гласаа и 29 пратеници припадници од помалите етнички заедници. Ова законско решение го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Расправата за Предлог законот во Собранието заврши на 15 јануари.
Премиерот Зоран Заев во средата, на ден пред гласањето во Парламентот, на прес-конференција уште еднаш потенцираше дека пописот е статистичка операција, а не политичка како што сака да се претстави, уверувајќи дека податоците ќе бидат реални. Тој побара од опозицијата да не повикува на бојкот, потсетувајќи дека граѓаните се законски обврзани да се попишат.
„Глоба во износ од 200 до 300 евра ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците за Пописот или ако даде неточни податоци. Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години. Ако делото го стори учесник во Пописот или друго службено лице при спроведувањето на Пописот, ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години“, стои во текстот „Попис со врзан потпис“ од 14 јануари годинава на новинарката Катерина Блажевска за dw.com.
Автор Согласно Законот, податоците добиени од пописот на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија во 2021 ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон. Ќе се попишува и резидентното и нерезидентното население.
Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.
Пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.