Хаг: Тачи се изјасни дека не е виновен за воени злосторства

Поранешниот косовски претседател и еден од основачите и член на ОВК, Хашим Тачи, денеска, во своето прво појавување пред т.н. Специјален суд за злосторства на поранешни припадници на ОВК во Хаг (чие полно име е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово), изјави дека не е виновен за злосторства против човештвото против Албанците, Србите и Ромите во Косово и Албанија, 1998-1999 година.

– Чесен Суде, обвинението е потполно неосновано. Изјавувам дека не сум виновен по ниту една точка од обвинението, рече Тачи (52), одговарајќи на прашањето на судијата на претходна постапка Николас Гијуа дали сака да се изјасни за вината.

Тачи рече дека го прочитал обвинението и ги разбрал обвинувањата и дека „не се согласува со ниту едно“, јави српската агенција Бета.

Повторувајќи дека неговиот клиент целосно го отфрла обвинението, британскиот бранител на Тачи – Дејвид Хупер пред Судот праша „каде се обвинувањата за кражба на човечки органи од приказната за жолтата куќа, кои се причина за основање на овој суд“ врз основа на „половина страница од книгата на (поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал) Карла Дел Понте, а потоа и од извештајот (Специјалниот известувач на Советот на Европа) Дик Марти“.

– Тачи знае дека овие обвинувања се бесмислени и дека се глупости, но тој сепак и помогна на Европската комисија да го основа овој суд. Тој не можеше да биде покооперативен. Ништо во ова обвинение не кажува за кражба на органи и за тие ужасни злосторства, рече Хупер.

Бранителот истакна дека одбраната „ќе докаже на суд дека сето тоа е лага“ и дека, на крајот на судењето, угледот на Тачи ќе „блесне“.

Хупер најави дека наскоро ќе побара од судот Тачи привремено да биде ослободен, а обвинителите веднаш се спротивставија на тоа.

Бранителот на Тачи цитираше дека новоизбраниот американски претседател Џо Бајден во 2017 година рекол дека Тачи е „косовскиот Џорџ Вашингтон“.

Адвокатот Хупер најави дека Тачи ќе го брани и поранешниот американски амбасадор за воени злосторства, Пјер Ричард Проспер, како и други адвокати кои не можеле да дојдат во Хаг на денешната седница.

Обвинителството денеска беше застапувано од главниот обвинител Џек Смит и обвинителот Алан Тигер, кој беше застапник на Обвинителството во судењата против Ратко Младиќ, Радован Караџиќ и бројни други пред Хашкиот трибунал.

Во времето опфатено со обвинението, од март 1998 година до септември 1999 година, Тачи беше политички комесар и командант на Генералштабот на ОВК, како и премиер на привремената влада на Косово.

Заедно со членовите на Генералштабот на ОВК, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, Тачи е обвинет по 10 точки и тоа за: прогон на политичка и етничка основа, затворање, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, суров третман, тортура (две точки) и убиства (две точки). Овие дела се квалификувани, во шест точки, како злосторства против човештвото, а во четири точки како воени злосторства.

Како учесници во заедничко злосторничко здружение, тие се обвинети за злосторства против најмалку 407 заробеници во 34 притвори на ОВК низ Косово и Албанија и најмалку 98 убиства, од март 1998 година до септември 1999 година.

„На неколку локации во Косово, како и во Кукеш и Кахан во северна Албанија, припадниците на ОВК извршија злосторства според обвинението против стотици цивили и лица кои не учествувале во непријателства“, се вели во обвинението.

Според обвинението, „жртвите биле лица осомничени дека не ја поддржувале ОВК, а подоцна и привремената влада на Косово“.

Станува збор за Срби, Роми и Ашкали; католици; цивили за кои се верува дека соработувале или комуницирале со српските власти; Албанците кои ја поддржувале или биле поврзани со Демократскиот сојуз на Косово, како и со други партии за кои се сметаше дека се против ОВК “.

Според обвинението, жртвите биле и „Албанци кои не се приклучиле на ОВК или не ја поддржувале ОВК и лица кои се сметале за противници на ОВК врз основа на нивното сегашно или поранешно вработување“.

Тачи му се предаде на судот на 5 ноември во Косово, заедно со Весели и Селими, а истата вечер беше ставен во притвор во Шевенинген.

Утрово, Красниќи (69), поранешен портпарол на ОВК, по првпат беше изведен пред судот во Хаг и се изјасни дека не е виновен за злосторствата од обвинението.

Првото појавување на Весели(51) пред Специјалниот суд е закажано за утре, 10 ноември, а Селими (49) за среда, 11 ноември.

Главниот обвинител Смит првото предлог обвинение го поднесе на 24 април, а второто, ревидирано, на 24 јули. Судијата Гију го потврди обвинението на 26 октомври.

Специјалниот суд е „хибридна“ институција – тој е дел од косовскиот судски систем, но е со седиште во Холандија и вработува меѓународен персонал. Лоциран е во странство поради неуспехот поранешните припадници на ОВК да бидат процесирани во Косово, но и за да спречат проблемите со заплашување на сведоците.

Косовските пратеници гласаа за формирање на Специјалниот суд во 2015 година, под силен притисок на САД и на ЕУ. Најголемите политички партии во Косово, според наодите на БИРН, не го поддржуваат барањето на ветераните на ОВК за укинување на судот, дури и ако се согласни дека судот е пристрасен. Од самиот почеток е крајно непопуларен меѓу косовските Албанци, кои на неговото постоење гледаат како на напад врз правичноста на борбата на ОВК против репресивната српска власт, наведува Балкан инсајт.

Идејата за формирање на „хибриден“ суд, како дел од косовскиот судски систем, но со седиште во Холандија, во обид да се обезбеди негова независност и да се заштитат сведоците, дојде по објавувањето на извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата наводно извршени од припадниците на ОВК, во 2010 година.

Во извештајот на Марти се наведува дека Тачи, кој, за време на војната, беше политички водач на ОВК, бил вклучен во криминални активности, што Тачи категорично го негираше.

За наводите од извештајот, од 2012 до 2014 година, беше спроведена истрага, која ја водеше Специјален работен тим на Европската унија, кој заклучи дека има доволно докази за гонење на кривични дела, како што се убиство, киднапирање, незаконско притворање и сексуално насилство.

Тагови
реклама

Балканско-Кавкаска песна на Евровизија

Read more

6 неочекувани намирници што треба да се чуваат во фрижидер

Read more

Левица се закани: Ако сакате војна, ќе ја добиете, ама ќе биде сиромашни против богати

Read more

Таjчи по 34 години го облече фустанот што го носеше на Евровизија

Read more

Регион

Советот на Европската Унија го усвои планот за раст за Западен Балкан

Read more

Хрватска поради платата е привлечна за балканските работници

Read more

Една година од масакрот во „Рибникар“ во Белград, беа убиени девет ученици и чувар

Read more

Избрана е новата Влада на Србија

Read more
 

Вести

Хамас го прифати договорот за прекин на огнот

Читај повеќе

Бојан Јовановски за пријавата од Кичеец: Ова е почеток на една битка со цела криминална банда

Читај повеќе

Советот на Европската Унија го усвои планот за раст за Западен Балкан

Читај повеќе

Претепани политичари во Германија, граѓаните излегоа на улица

Читај повеќе

Ден пред двојните избори гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и дијаспората

Читај повеќе

Русија најави вежби за тактичко нуклеарно оружје: Одговараме на провокациите

Читај повеќе

Тешка сообраќајка кај Влае – има повредени, едното возило преполовено

Читај повеќе

Студентски протести за Газа почнаа во Белгија и Холандија

Читај повеќе
  • play_arrow

Што да очекуваме по денешната инаугурација на Путин?

Читај повеќе