Sony Pictures штотуку го објави трејлерот за четвртото продолжение на франшизата Bad Boys 4 со Вил Смит и Мартин Лоренс во главните улоги. Официјалниот наслов на филмот е Bad Boys: Ride or Die.
Ова е четвртиот филм од популарната акциона комедија што дебитираше во 1995 година, кога Смит и Лоренс првпат се здружија како детективите од Мајами Мајк Лори и Маркус Барнет, кои истражуваат нелегална трговија со дрога во Мајами.
Додека првите два филма беа во режија на Мајкл Беј, Адил Ел Арби и Билал Фалах го режираа третиот дел Bad Boys for Life и се враќаат за овој најнов дел од франшизата Bad Boys. Александер Лудвиг, Ванеса Хаџинс, Ерик Дејн, Паола Нуњес, Реа Сихорн, Таша Смит и Јоан Груфуд ја дополнуваат актерската екипа.
Седумнаесет години поминаа од Bad Boys II во 2003 година до Bad Boys for Life во 2020 година, кој излезе во кината непосредно пред локдауните поради пандемијата COVID-19 и заработи 426,5 милиони долари на светскиот бокс офис.
Во јануари, Смит и Лоренс го најавија четвртиот дел на социјалните мрежи.
Во Bad Boys for Life, Мајк беше на листата за убивање на еден млад човек, Армандо (Јакоб Скипио), чија мајка Изабел (Кејт дел Кастиљо) го задолжи да ги убие оние кои се одговорни за смртта на неговиот татко, шеф на нарко картел. Третиот филм ги остава гледачите со откритието дека Армандо е всушност синот на Мајк.
Bad Boys 4 треба да се појави во кината на 7 јуни.