Мануел Франко од сојузната американска држава Висконсин на 24 години ја освои третата најголема лото добивка во историјата на САД.
Тој освои 768 милиони долари на лото играта Poweball, но неговата приказна е доказ за старата поговорка дека парите не може да ви ја купат среќата.
Напротив, неговиот живот се сменил на полошо по добивката.
„Почнав да полудувам. Ги погледнав бројките и се поклопуваа. Срцето почна брзо да ми чука, ме обзеде топлина. Почнав да врискам“, изјави Франко за Associated Press.
Тој додава дека дал отказ на работа бидејќи едноставно не можел да продолжи да работи.
Се одлучил за еднократна исплата, наместо да ги добива парите на рати, а сака да донира и голем дел во добротворни цели.
Еднократната исплата на добивката ќе биде во висина од 477 милиони долари.
Тој додава дека е е подготвен да ги одбива луѓето кои ќе доаѓаат да го молат за пари.
Според законот на Висконсин, добитниците на лото премии не може да останат анонимни.
Франко вели дека откако ги добил парите станал параноичен и го скрил добитното ливче во сеф.
„Станав параноичен, имав чувство дека цел свет ме следи. Секој ден мислев дека некој оди зад мене. Тешко е да живеете нормален живот кога имате ливче што секој сака да го има“, вели тој.