Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, во интервју за La Vanguardia призна дека каталонскиот клуб сѐ уште ја плаќа идната ѕвезда на Интер Мајами, Лионел Меси.
Имено, врската помеѓу Барселона и Меси не е прекината, а одложувањата на платата на поранешниот идол на „Камп Ноу“ ќе траат до 2025 година.
Меси ја напушти Барселона во летото 2021 година, замина во ПСЖ, а иако долго се очекуваше неговото враќање во Каталонија, Аргентинецот кариерата ќе ја продолжи во САД.
„Она што му го должиме се одложувањата на платите што беа решени во текот на претходниот одбор. Доцнењето на исплатите нема да заврши за две години. Тој е добро платен“, рече Лапорта.
Одговори и на прашањето зошто поранешниот играч на ПСЖ не се врати.
„Постигнавме договор со Ла Лига според кој посветивме дел од нашите ресурси за враќање на Меси. Ова беше земено предвид во физибилити планот. Разговаравме со таткото на Меси, Хорхе, за тоа. Тој ми кажа дека Лео имал тешка година во Париз и дека сака помал притисок. Со нашиот план тој ќе продолжеше да го има. Ја разбрав неговата одлука“, заклучи Лапорта.