Пушачите често палат цигара бидејќи се убедени дека тоа ги смирува и се плашат за своето ментално здравје доколку престанат да пушат. Научниците сега велат дека нема потреба да се грижат за тоа.

Престанувањето на пушењето за многу пушачи најпрво значи борба против зависноста предизвикана од никотинот, присутен во цигарите. Сепак, помислата за откажување може да предизвика грижи за тоа каков ќе биде животот без пушење.
„Верувањето дека цигарите смируваат е широко распространето, а некои медицински професионалци реагираат на лицата со ментални нарушувања поради престанок со пушењето“, велат истражувачите од Универзитетот во Оксфорд и Бат, чиј труд беше објавен во списанието JAMA Network на крајот на мај.
Престанувањето со пушење може да го подобри менталното здравје
Нивното откритие дека престанувањето со пушење може да го подобри менталното здравје би требало дополнително да ги охрабри пушачите кои сакаат да се ослободат од оваа навика, но се загрижени за потенцијалните негативни последици.

„Престанувањето со пушење се поврзува со значително подобрување на депресијата меѓу луѓето што имаат и што немаат психички пореметувања“, забележува истражувачката група откако ја спровела студијата на над 4.200 луѓе во 16 земји.
За многумина може да биде тешко да ја напуштат рутината како излегувањето од канцеларија поради некоја цигара и разговор, или неколкуте опуштачки доцноноќни димчиња пред спиење. „На загриженоста за влошено ментално здравје по престанокот со пушење често предупредуваат лекари и пушачи“, велат истражувачите.
Меѓутоа, таа загриженост не би требало никого да обесхрабри, сметаа авторите на студијата.
„Престанувањето со пушење се поврзува со намален ризик од смртност и подобрен квалитет на живот во било кое време, при што нашата анализа носи докази дека на тој начин всушност се подобрува менталното здравје“, наведуваат.
Учесниците во истражувањето биле пушачи со и без психички пореметувања. Истражувањето го проучувало влијанието на апстиненцијата помеѓу 9 и 24 недели кај луѓето што се „мотивирани да престанат“, но кои пушеле 10 или повеќе цигари дневно за време на последната година.