Живот

Најдобрата професорка во светот работи на Арктикот

20. март 2017 - 18:46 | Б.С.Б.

Меги Мекдонел е Канаѓанка која работи како професорка во изолирана инуитска заедница во канадскиот Арктик. Таа беше прогласена за најдобра професорка во светот и на церемонија во Дубаи доби награда од милион долари за нејзината посветена работа со проблематични тинејџери.

Мекдонел е наградена поради нејзините иницијативи за борба против депресијата, тинејџерските бремености и високиот процент на злоупотреба на дроги во Салуиту, село кое е дом на најсеверната инуитска заедница во Квебек. Таа прими награда од милион долари, истакнувајќи се пред 20.000 професори од целиот свет.

Канадскиот премиер Џастин Трудо ѝ честиташе на професорката со зборовите дека таа ја обликува иднината на овие млади луѓе. Наградата ја доделува фондацијата Varkey, непрофитна организација чија цел е да се подобрат стандардите за образование за непривилигираните деца низ целиот свет. Седиштето на организацијата е во Лондон под покровителство на челникот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мухамед бин Рашид ал-Мактум.

Професорката Меги исто така работи како ментор на деца кои имаат проблеми со алкохол и депресија. Нејзиното достигнување е доказ за тоа колку може една добра професорка и наставничка да ги промени животите на децата.

„Мислам дека како учителка во малечка арктичка заедница денот никогаш не ми завршува. Училишните врати можат да се затворат, но односот со учениците продолжува бидејќи ние делиме иста заедница“, вели наградената професорка.

Коментирај