Авто новости

Најголемиот тест досега: Како се покажаа електричните модели на снег и ниски температури?

26. март 2020 - 11:53 | А.С.

За една од најголемите маани на возилата на електричен погон се смета досегот, особено на пониски температури.

Одговорот на прашањето „Колку ќе се намали досегот на електричните автомобили на снег и ниски температури?“ одлучи да го понуди тимот на Норвешката автомобилска федерација (NAF), чии членови ги ставија на тест 20-те најпродавани електрични модели.

Возеа во колона од Осло до скијачкиот центар Хафјел, по сите типови на асфалтен пат, од градски до автопат, почитувајќи го ограничувањето на брзината од 60 до 110 км/ч.

Како изгледаат резултатите?

Возењето во реални услови при ниски температури во пракса покажа 18,5% помал досег од она што го декларираат производителите според WLTP.

Најлошо на тестот помина електричниот адут на Opel, моделот Ampera-e чиј досег од декларирани 423 километри падна за 29,8% на 294 километри.

Од друга страна, најдобар е Hyundai, и тоа електричната Kona на која досегот ѝ падна за само 9,9% и помина 404 километри со едно полнење.

Норвешки NAF ја тестираше и брзината на полнење на батеријата и тоа од 10 до 80% на температура од -2 °C. Победник е Audi e-tron на кого му беа потребни само 27 минути за полнење. Најлоша пак беше Ampera-e на која ѝ беа потребни 95 минути.

И за крај, една занимливост.

Кога ќе останете „без струја“ и со испразнета батерија, треба да го исклучите автомобилот и да почекате еден час. Кога повторно ќе го вклучите, ќе се изненадите: ќе имате доволно енергија за уште некој километар, стои во извештајот на NAF.

Коментирај