Суд во Јужна Кореја го осуди милијардерот и наследник на империјата „Samsung“ Ли Јае-јонг на пет години затвор по обвинение за корупција.
Ли се товареше за давање мито во скандалот што ја потресе земјата, а во кој беше вмешана и поранешната претседателка на Јужна Кореја.
Ли ги негира сите обвиненија.
Тој беше во притвор од февруари годинава поради низа случаи поврзани со корупција, како давање мито, проневера и прикривање на имот и средства во странство.
Тој се товари дека дал донација од 36 милиони долари на непрофитни фондации чија управителка била Чои Сун-сил, блиска пријателка на поранешната претседателка на Јужна Кореја Парк Геун-је, во замена за политички погодности или услуги.