Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални наведе дека поднел тужба против затворот во Москва откако службениците одбиле да му донесат Куран, светата книга на муслиманите којашто ја побарал на почетокот на рамазанскиот пост.
Навални вели дека бил принуден да реагира откако било одбиено неговото барање, додавајќи дека тоа дополнително го вознемирило.
Во објава на Instagram, Навални вели дека си поставил цели за подобрување на личниот развој во затворот. Тој посочува дека една од неговите цели е подлабоко да го разбере Куранот.
„Тие не ми даваат Куран, ова е крајно вознемирувачки“, смета Навални. Тој додава дека и претходно го анализирал и читал Куранот, но не успеал во целост да ја разбере неговата суштина и основа.
„Сфатив дека ако сакам да бидам вистински христијанин, тогаш мора прво да ги разберам и сфатам другите вери и да го проучам Куранот“, додава тој.
На Instagram тој понатаму напиша дека веројатно никој не ни можел да помисли дека првата тужба против затворската колонија ќе биде поради Куранот.
„Сите околу мене постојано расправаат за исламот и за муслиманите и се разбира, 99% од нив ништо не знаат за тоа. Одлучив да бидам најдобар во однос на Куранот меѓу немуслиманските руски политичари“, вели Навални.
Според неговите зборови, тој донел многу книги во затворот, но сè уште не му биле дадени бидејќи мора да ги проверат поради екстремизам. Таа постапка трае веќе три месеци.