Нема сомнеж, 90-тите беа одлична деценија за филмови.
Тоа беше време што го обележаа филмови со револуционерни нови идеи за оригинални приказни, култни класици и проникливи верзии на стари и обожавани жанрови.
Во оваа деценија посебно се издвојува 1994, која се смета за една од најдобрите години за кинематографијата во модерното време, бидејќи има произведено многу ремек-дела кои и денес се многу сакани.
Од амбициозни потфати што ги виде целиот свет, како Forrest Gump, до „Пред дождот“ (Before the Rain) на Милчо Манчевски, кој стана филмот со кој светот ја запозна Македонија по освојувањето на Златниот лав во Венеција, има многу феноменални класици што полнат 30 години во 2024 година.
Родените во 80-тите го дочекаа филмскиот бран во 90-тите како дотогаш невиден феномен – масовно одевме во кино и се собиравме во дневните соби за да ги гледаме филмовите што доаѓаа од Запад. Овие наслови можеби не ги видовме веднаш во '94-та, бидејќи како и сè друго, и филмовите доцнеа кај нас, но со сигурност го обележаа детството на оние родени во 80-тите и 90-тите. Можеби ќе ве пукне носталгија кога ќе видите дека поминале цели 30 години откако излегоа овие филмови, ама не се секирајте, не сме ние толку стари, времето лета!
Во годината кога овие филмови влегуваат во третата деценија од животот, вреди да се погледне наназад и да се анализира зошто толку добро остареа во јавната свест. Ние избравме 30 филмови што имаа премиера во 1994 година, за кои сметаме дека се хитови до ден-денес. Пишете ни ако сметате дека заборавивме некој класик од '94-та.