По долго чекање, Apple синоќа ја најави новата стриминг платформа наречена Apple TV Plus. Од компанијата велат дека Apple TV Plus „ќе стане дом на најдобрите креативци во светот, кои ќе произведуваат оригинални серии, ТВ шоуа, филмови и документарни програми“.
На Apple TV Plus се работеше уште многу одамна – една година пред официјалното претставување во јавноста. Компанијата веќе ангажираше автори, актери и лица од шоу-бизнисот кои ќе работат на нова и оригинална содржина што ќе се емитува на платформата во иднина.
Се очекува дека Apple годинава ќе потроши околу 2 милијарди долари на оригинална содржина, но треба да инвестира уште многу, многу големи суми за да го стигне трошењето на Netflix, кој годинава ќе потроши околу 15 милијарди долари. Покрај најавата за лансирање на платформата Apple TV Plus, беше објавено и видео со монтажа од сите оригинални програми кои Apple ќе ги пласира таму.
„Дизајниравме ново ТВ искуство каде можете да платите за да ги гледате каналите кои ви се омилени, сите во една апликација, со лозинките кои веќе ги имате. Симнете ги и гледајте ги вашите омилени програми секогаш и секаде“, изјави Питер Стерн од Apple.
Во Apple TV Plus ќе бидат обединети програмските шеми на повеќе стриминг сервиси, како и ТВ канали, кои ќе му овозможат на гледачот да ги следи сите негови омилени програми. Помеѓу нив се Amazon Prime, Hulu, ESPN+, ABC и NBC.