Компанијата Neuralink на Илон Маск, која неодамна објави дека подготвува тестирање чипови на луѓе, се најде на удар на критики од група за заштита на животните.

Од групата тврдат дека мајмуните изложени на експерименти во Neuralink минувале низ екстремни болки.
Според наводите на групата PCRM за заштита на права на животните, мајмуните врз кои се тестирани мозочните чипови биле изложени на екстремно страдање и малтретирање. Имаат и докази за тоа, а поднесоа и жалба.
Neuralink и истражувањето кое е поврзано со Универзитетот Дејвис во Калифорнија, прекршиле дури 9 ставки од американскиот Закон за добробитта на животните, вклучително и кршење на одредбата за минимизирање на болка и вознемиреност кај животните.
Ова се однесува на 23 мајмуни во сопственост на Neuralink, сместени во објект на Универзитетот Дејвис од 2017 година до 2020 година, пренесе Business Insider.
Набавени се над 700 страници документи, вклучително и ветеринарски записи и обдукции направени во истражувањето. Во тужбата се наведени повеќе примери кои покажуваат како животните неоправдано страдале, а во еден од нив е документиран мајмун без прсти на рацете и на нозете.
Џереми Бекам, кој е дел од ова истражување, изјави дека од 23 мајмуни преживеале само 7 и префрлени се во простории на Neuralink, откако ја прекинале врската со Дејвис.
„Документите откриваат дека мозоците на мајмуните се унаказени во лоши експерименти и дека животните се оставени да умрат во страдање“, изјави Бекам кој тврди дека воопшто не е мистерија зошто Илон и овој универзитет сакаат да ги сокријат доказите од јавноста.
Маск во декември изјави дека се надева Neuralink во 2022 ќе започне со тестирање на луѓе, а Бекам е скептичен во врска со безбедноста на експериментирањето кое треба да се врши на луѓе.