Со помош на специјални нуркачи, вчера во Солун продолжи втората фаза за чистење на морето во делот околу шеталиштето и беа извлечени 21 електричен тротинет кои ги фрлиле несовесни граѓани, јави дописничката на МИА од Атина.
Освен тротинетите, на дното на морето биле пронајдени и два мотора, велосипеди и куфери.
Станува збор за електрични тротинети за изнајмување кои на граѓаните и туристите во Солун и Атина им стојат на располагање за нивните прошетки.
Ова е вториот дел од акцијата на Општина Солун за чистење на морето, а во првата фаза, од копно беа извлечени околу 50 електрични тротинети.
Заменикот градоначалник на Солун надлежен за животна средина, Сократис Димитријадис за грчката новинска агенција ΑΜΠΕ вели дека најважно е да се пронајдат и да се уапсат оние што ја предизвикуваат мини еколошката катастрофа во морето, бидејќи хемикалиите што ги испуштаат батериите од електричните тротинети се најлошиот отпад.