Јапонската Влада соопшти дека планира да пушти во морето повеќе од милион тони контаминирана вода од уништената нуклеарна централа Фукушима, една деценија по хаваријата.
Испуштањето вода во морето треба да започне за две години, а целиот процес ќе трае со децении.
„Претпоставувајќи строго почитување на регулаторните стандарди кои се утврдени, избравме да испуштаме вода во океанот“, се вели во соопштението на јапонската Влада.
Како што пренесуваат странските агенции, оваа одлука на Јапонија сигурно ќе ги налути соседните земји.
Јужна Кореја веќе изрази „сериозна загриженост дека тоа ќе има директно и индиректно влијание врз безбедноста на луѓето и животната средина“, а Кина смета дека станува збор за многу неодговорен потег. Тајван исто така изрази незадоволство.
Синдикатот на рибари во Јапонија продолжува да се спротивставува на идејата за испуштање на радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во океанот. Јапонскиот премиер Јошихиде Суга се состана со шефот на Националната федерација на рибари, Хироши Киши, за да разговара за опциите за отстранување на радиоактивната вода што се акумулирала во резервоарите околу нуклеарната централа. Се чини дека состанокот не бил успешен бидејќи рибарите продолжуваат да се спротивставуваат на испуштањето радиоактивна вода во океанот, што би се случило во наредните години.
Планот сè уште не е одобрен со закон, но се смета за главна опција кога станува збор за насобирањето вода.
Нуклеарната централа Фукушима беше оштетена во 2011 година откако Јапонија беше погодена од земјотрес со јачина од 9 степени по Рихтер, проследен со разорно цунами. Оттогаш, собрано е големо количество контаминирана течност, која вклучува вода за ладење, подземна вода и дождовница, која завршува во електраната секој ден.
Во моментов има околу 1,2 милиони тони радиоактивна вода складирана во резервоарите кои ќе бидат полни до 2022 година.
Планот за испуштање вода во океанот се најде на удар од еколошките групи. Се смета дека планот на јапонската влада може да предизвика еколошка катастрофа. Во октомври, Greenpeace го обвини Токио за „искривување“ на вистината зборувајќи за „третирана вода“, тврдејќи дека течноста содржи „опасно ниво на јаглерод-14“ што може да ја „оштети човечката ДНК“.
Во март, Јапонија побара помош од Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) во плановите за решавање на проблемот. IAEA ги поддржа плановите на јапонската влада и изрази верба во одлучноста на Токио и технолошкиот капацитет за испуштање на вода на вистински начин.