Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск потврди дека побарал средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва за да се обиде да ја запре војната во Украина, но сè уште не добил одговор.
Во интервју објавено денеска за римскиот дневен весник Corriere Della Sera , папата рече и дека патријархот на Руската православна црква Кирил, кој, според западни медиуми, ја поддржувал војната „не може да стане ѓакон на Путин“.
Папата Франциск ја посети руската амбасада откако започна војната во Украина, а за весникот изјави дека три недели по конфликтот преку дипломат испратил порака за средба до Путин.
Тој вели дека е согласен средбата да биде во Москва, но потребна е дозвола за тоа од рускиот лидер.
Одговор од Москва засега нема, иако папата сè уште инсистира.